Македонски веб: е добро де, ќе не биде!
Posted on септември 15, 2007
Filed Under Интернет | Leave a Comment
Развојот на „македонскиот интернет простор“ го следам од 1996-тата година. Најчесто преку веб страни на фирми и институции (владини, невладини и секакви други), преку разни технички решенија: од класичен стил на профил на фирмата, па до напредни решенија.
Да не бидам сватен погрешно! Под македонски интернет простор подразбирам веб на македонски јазик, поточно веб креиран од нашата земја (сеуште Република Македонија по нашки).
Од самиот почеток, интернет провајдери. Високи цени, слаби перформанси, слаб интерес од општеството. Со текот на годините, овие карактеристики се менуваат. Денеска, пристапен интернет за секого (600 денари и користиш интернет цел месец). Очекувам дека завземените ценовни позиции ќе останат, а перформансите ќе се зголемуваат.
И сето ова, од технички аспект, е одлично.
Оптимистички се и потезите за конечно врзување на картичките за безготовинско плаќање со интернет решенија. Да, нема да заборавам, одличен е и потегот за намалување на ДДВ стапката за компјуерската опрема.
Многу владини и невладини организации едуцираат наши сограѓани. Голем дел сами се едуцираат. И сето тоа во насока на поголема компјутерска едукација (читај писменост!).
И ова, од едукативен аспект, е одлично.
Речиси секој универзитет во земјава отвори насоки за т.н. компјутерски науки. Од поодамна ПМФ ја третира информатиката како сериозна образовна гранка.
Владата го спроведува проектот „е-Влада“. И ова е одлично.
И зошто сето ова го набројувам? Па да се обидам самиот да се убедам дека нема ништо што не ограничува конечно да размислуваме за интернет како неодминлив и непресушен ресурс за се! Но, сепак, гледам дека нешто не ограничува! Зошто сум ограничен со оваа констатација неколку изминати години?
Ќе наведам неколку констатации, кои верувам ќе ги споделите. Ќе се ограничам на бизнис секторот, не осврнувајќи се блогерскиот аспект, или пак на личните веб страни различни од класичниот блогерај.
- Фирмите прават поточно не прават веб страни, затоа што „тоа е нешто со компјутерите“. Поточно, што ќе ни е веб кога сите се знаеме што праиме, и кои сме…па ќе правиме само трошок, а ќар ни најмалку.
- Направените страни во 90% од случаите се прават еднаш. Обнова на содржините многу ретко, па лесно можете да најдете фирма која работи екстра, а својот веб го заборавила кога го направила (сега гледате податоци од 2001 на пример).
- Малку од фирмите размислуваат за развој на својот веб, во разни форми, надвор од класичната презентација (производи, услуги, кои сме ние, контакт е најчестото сценарио).
- Фирми кои вртат огромни пари воопшто немаат веб (на пример Окта).
- Малку од фирмите формираат интернет заедница со своите клиенти (не сакам да употребам „ниту една фирма“).
- За пофалба е повеќејазичноста. Не сум стручен да го оценувам квалитетот на преводот, но барем постои.
- Ретко која фирма користи интернет реклама. Ги следев активностите на Httpool. Но ако земете во предвид дека во Македонија активно функционираат преку 30.000 фирми, а на друга страна фирмите кои се рекламираат можат да се избројат на една или две раце, тогаш слободно можеме да си заклучиме: интернет реклама не се користи, иако како алатка е премногу актуелна во развиените економии.
- До пред извесно време (фала богу во последните 1-2 години не е вака), ректо која фирма користеше e-mail. Но трагедично е кога ќе ви се јават на работа и ќе ви речат „може да ви испратам (да ми испратите) факс“.
- Незначително е градењето на корпоративни сајтови (цела фирма на едно место). Со ова можат да се пофалат само екстремно средните претпријатија (за мене не постојат големи) во Македонија. Знаете кои се тие.
- Сеуште е привилегија работникот да користи интернет. А ако го користи, тогаш тој си игра карти по цел ден и ништо не работи, заради што како прв лек му се крати интернет, а како најоптимално решение му се одзема компјутерот – или како опомена пред отказ, или како награда и унапредување.
Доволни се 10.
Немам намера да се впуштам во коментар на наведените 10. Во мене носам многу повеќе, кои сигурно ќе ги напишам во некој друг мој став.
Што е резултатот на целава приказна. Локален бизнис, незначителен третман на клиентите, преголеми буџети за реклами, слаба промоција надвор од оваа територија, преголемо трошење на временски ресурси, слаб развој заради голема хаотичност…
Не сум заблесавен по веб, интернет… Далеку од тоа дека сум на ставот дека без интернет бизнис не бива. Но сигурен сум дека:
- Бизнисот ќе работи многу подобро.
- Развојот на бизнисот ќе биде далеку поголем од вообичаениот.
- Комуникацијата ќе биде многу поефикасна и поефективна.
- Луѓето (потенцијалните клиенти) лесно ќе дознаат за бизнисот.
- Трошоците за реклами ќе бидат многу помали, а ефектот огромен.
Не знам дали на газдите им е познат податокот дека во Македонија, со последните акции, дневно се склучуваат околу 300 договори за интернет приклучок; над 30.000 луѓе имаа можност за едукација ова лето; компјутерски хардвер се купува на големо; училиштата и факултетите се повеќе прават трансфер на своите методи на работи на интернет, и …
Сеуште ќе бидеме рамнодушни? Сеуште ќе се воодушевуваме како другите го прават тоа? Потребен е пресврт. Ќе се случи многу скоро. Но зошто досега не се случи? Претпоставувам дека е резултат на македонската рамнодушност, а особено на фразата која сеуште не е искоренета „Па полека, има време за се. Каде се брзаме. Ние сеуште сме во транзиција, не?“.


Leave a Reply