Квалитет пред квантитет!

Posted on октомври 15, 2007
Filed Under Квалитет | Leave a Comment

Сеуште велиме добро е да има квантитет за да дојде квалитетот. Од старт сме во заблуда…Сакајќи или несакајќи, ја правиме грешката. Зошто го велам ова?

Па што ќе ни е квантитет ако нема квалитет? Што ќе ни е лажно верување дека она што го купуваме или продаваме е вистинското? Таквата убеденост лесно доведува до разочарување, што ќе рече – не купувам вакво нешто и крај!

Македонските фирми најчесто под квалитет подразбираат квалитетен производ (услуга). Но заблудата лежи во тоа што квалитетен производ или услуга не може да постои ако нема соодветен систем на процеси кои ќе произведат квалитет. На пример, ако не постои мерлива процесна поврзаност, како и соодветен менаџмент на човечки ресурси, во корелација со соодветна документираност на работењето, ќе постои привидна појава на квалитет. Но, нестабилен, неспособен за надградба, па дури и непостоечки.

Голем дел од поголемите наши фирми квалитетот го наследија од минати времиња, па на стара слава се фалат дека се квалитетни т.е. најквалитетни. И донекаде може да помине. Да, годините и реномето се една од можните причини за одржливост на квалитет, но не само на производ, туку на целиот бизнис како една системска клетка. Но, второто лице на ваквите случаи е тотален хаос – неможност за следливост, негрижа за своите клиенти, неправилен однос со вработените, нестручни или пак несоодветно поставени лица итн.

Моето искуство вели: ние ќе направиме систем за квалитет, според ISO 9001:2000 – само така ќе бидеме лидери на пазарот, ќе бидеме најконкурентни и најквалитетни. Па дури стои и следново – нашите производи се најдобри и со цена и со квалитет, не заради квантитетот на продажбата, туку затоа што се според ISO.

Тој што знае што значи стандардот за менаџмент со квалитетот ISO 9001:2000 (и целата фамилија на ISO 9000 стандарди), слатко ќе се изнасмее на ваквата состојба. Дотолку повеќе што воведувањето и постоењето на такви системи е паушална постапка, заради страв од неможност за настап на тендери кај нас и во странство. Не дека купувачите нешто им значи стандардот.

Купив кревет од фирма со ISO (некои се зафркаваа со мене па велат кој ти е тој Исо, Мусо да не е…). Тоа значи дека производот кој го купив е без грешка (или пак грешките без разлика на причините се минимизирани). Гребнатини на 4 места, без 2 даски, несоодветни федери, несоодветни дупки за штрафови. А таа фирма изгради производствен капацитет, и се фали дека извезува на големо. Но до кога!

Додека купувачот не стане Купувач, па се повеќе да се распрашува за парите што ги троши, … беспрекорна информираност и снимање на пазарот, пред да направи избор. Верувајте, денеска ИМА ИЗБОР. На вас е да изберете меѓу Квалитетот и Квантитетот.

Comments

Leave a Reply