Постојат ли македонски лидери?
Posted on октомври 12, 2007
Filed Under Менаџмент | Leave a Comment
Постојано се воодушевувам на информации кои доаѓаат на разни начини секојдневно, а кои говорат за успешно работење на бизнис, градење на некаков капацитет, востановување на некоја институција… Во сите тие случувања, кои се претежно надвор од нашиве македонски граници (секоја чест на македонските пикови кои почнуваат да се множат), се спомнува име на еден човек. Дали менаџментот е човек или систем?
Во минатото си ги викавме „раководители“, па подоцна „директори“ (пардон „директоришта“ … грешам, „директорчиња“), па подоцна не принудија законски да ги нарекуваме „управители“. Дали на фирми, сектори, оддели…небитно. А да, имаше тука так и некои шефови, ѓоа мити каубојци и индијанци. Странските претставници на разноразни корпорации, фондации, банки воведоа и мноштво многу нови термини: координатори, проект менаџери,…
Што е заедничко за било кој назив што го набројав? ЛИДЕРСТВО.
Закржлавен од политичи информации и случувања, многу повеќе за да навреме предвидам што ќе се случи на овие 300 метри квадратни а не да се определам или пак да бранам страна (ова во последно време ме излудува!), ќе направам паралела. И Претседателот, и Премиерот, и Министерот, па ако сакате и раководителот на секторот на некое владино тело, се ЛИДЕРИ.
Ако земеме в предвид дека имаме мноштво на министерства, владини институции, а наспроти тоа, околу 170.000 управители,… Сепак нешто шкрипи – нема оплодување на пари, раст на капитал, инвестиции, бизнис наспроти полибизнис релации (полибизнис=политика+бизнис), а наспроти тоа зголемување на кредитни задолжувања кај лихварите..пардон банките. Тогаш каде е нашиот проблем?
Знам, ќе речете: еве го овој пак го тупи, кој знае од која партија е, уште еден паметњакович у цело наше 2-милионско племе! Во ред, но кој е одговорот? Имаме ли лидери? Ако имаме тогаш каде е развојот?
Лидерството е основа на менаџментот. Оној што ве води, знае каде ве води, а вие сте тие што треба да работите што ќе ви се каже бидејќи тоа што тој ќе ви каже дека треба да е сработено, е збор закон. Каков е тој менаџмент без лидер? Верувам знаете, менаџмент како збор кај нас е протолкуван како управување, па оттаму и управител. Дали е тоа точно, друг пат…
А каков е тој менаџмент ако нема систем? Постои ли лидер во хаос? Постои ли хаос без лидер?
Системот подразбира правила, прописи, одговорности, овластувања, прецизни и јасно дефинирани постапки, услови, рокови. Систем без лидер, не е управуван систем.
Да се навратам, 170.000 лидери, а повторно хаос. Повторно политизиран бизнис. Повторно пари во политика, наспроти нормалната теорема дека бизнисот прави пари, и тој генерира, одржува и менаџира политика.
Кои се македонските бизнис лидери? Сведоци сме во последниве 6 месеци дека речиси на секој македонски бизнис Гроф му се прилепи по најмалку една скандалозна случка – судски процес, афера, скандал, стечај, притвор…Кои бизнис лидери останаа? Ги има многу, но заради грофовите, ни челото не можеме да им го видиме. Не можат да го развиваат сопствениот бизнис, своето лидерство го ставаат под сомнеж, и нормално, забораваат на менаџмент. И повторно праисториската, снајди се каде и како можеш за да преживееш.
Да им дадеме можност на младите лидери! Знаат многу повеќе од постарите. Не добиваат шанса, или пак како чкорче горат затоа што не знаат како со грофовите.
Доста ни се 10 лидери во бизнисот, за да се разработи народецов. Или грешам?


Leave a Reply