Систем

Posted on ноември 12, 2007
Filed Under Квалитет | Leave a Comment

Често се среќавам со муабети со разни луѓе со различна возраст на разни позиции во разни македонски фирми, од типот: па како може…, неверојатно колку не знае…, тој/таа ќе ми каже како јас да работам…, па до кога ќе ме сметаат дека поим немам… Или од следниот тип: наместо да го направат ова она…, каде се моите права…, кој е тој/таа да ми го каже ова/она… И ти знаеш разно разни варијанти на овие муабетења.

За жал, освен трач муабетење, ретко се среќава состојба каде ваквите незадоволства произлезени од работењето во фирмите, се групираат во заеднички интерес на повеќемина, па така поставени дефинираат барања до менаџментот на фирмата, поточно газдата. Можеби ќе ви текне на фамозниот поим „синдикат“ како форма на здружување на работници заради одбрана и здобивање со разноразни права, решавање на разно разни ситуации во текот на работењето итн. Повеќе на оваа тема ќе пишувам друг пат, во групата мои ставови за менаџмент. Каде ја гледам аномалијата?

Само во организицскиот модел на фирмата, поточно воспоставениот систем на работа. Јас сум убеден дека во речиси 90% од микро и малите фирми кај нас систем не постои. Се се сведува на добар збор, послушен/непослушен работник, навреда, пофалба, казна наместо вреднување на сработеното, итн. Фамозниот збор систем не подразбира дека кој знае што треба да биде дефинирано за да биде самата работа нормален амбиент на работен живот на работникот. Едноставно, предефинирани:

- организациска структура – во кои целини е организирана фирмата, каде припаѓа работникот, кои се можностите за напредок;

- описи на работни места (тн. систематизација на работни места во нашиот вокабулар) – секој да си знае што работи, пред кого одговара, кои се неговите овластувања, кои постапки и упатства за работа треба да ги почитува, кои документи се негово поле на интерес, кој е коефициентот на сложеност на неговото работно место (тн. бод според кој сам ќе знае колкава плата му следува за работното место);

- пропишани постапки и упатства за работа – точно дефинираи процеси каде се знае што треба да биде влезна информација, како таа да се обработи, и што е резултатот на сработеното;

- пропишани нормативи за работа – тука не раскажувам што е ова;

- пропишани документи за работа – „оперативна документација“ со која секој работник секојдневно ќе работи.

Ова се елементарните предуслови за постоење на работна хармонија во една фирма, со намалена можност за изродување на паметњаковци за делење совети како нештото треба да се сработи за да биде добро сработено. Уште помалку, намалување на ризиците за обезвреднување на трудот на работникот, игноранција на елементарните човечки права за време на работниот ден итн. А многу повеќе предвидлив амбиент за следливост на тековната реализација, до моментот на остварување на предефинираните цели во годишниот бизнис план – остварување пред се на проектираниот профит на фирмата.

Во системската целина секако влегуваат и други потребни предефинирани категории: менаџмент со човечки ресурси, стандардизиран систем на финансии, предефинрани методи на комуникација, маркетинг план, итн.

И сето ова се прави врз основа на дефинираната визија на сопственикот на фирмата (или топ менаџментот), дефинираната мисија на фирмата, и особено целите кои ги пропишува сопственикот (односно топ менаџментот) – краткорочни, среднорочни и долгорочни. За нашата средина, доволно е да бидат предефинрани краткорочните и среднорочните, бидејќи во моментов мал број од наведената категорија на фирми и воопшто предефинира цели.

Темава е долга и широка, а се обидов да ја скратам на неколку реда букви. Постојат многу стандарди кои се занимаваат со оваа проблематика, а преку нив и огромен број поврзани. Ако фирмата сака систем, мора да почитува стандард, и само така може да биде соодветно признаена и третирана како одличен партнер, конкурент и лидер на пазарот во глобални рамки. Непостоењето на систем генерира интуитивно водење на бизнисот, со речиси секогаш присутен негативен исход, па дури и затворање на фирмата. Можевме да правиме разно разни фирми изминативе 15-тина години. Но без систем, нема успешна фирма! Систем кој ќе овозможува постојана надоградба на секое поле, а со тоа раст на фирмата.

Велат капитализмот бил различен од социјализмот (бившиот ни југословенски). Во филозофијата на уредувањето на општеството и свеста на луѓето, да. Но, во однос на системското работење, јас ставам знак на еднаквост.

Comments

Leave a Reply




Jewelery