Што е тоа што го мачи македонскиот бизнис?
Posted on јули 30, 2008
Filed Under Менаџмент, Општо, Пари | Leave a Comment
Сеуште чувствувам слаб амбиент за нормален бизнис во Македонија. Слаб = речиси и да не постојат услови за повеќгодишен план за развој на бизнисот (наспроти тоа, поверојатно е да се рече „опстанок“). Нормален = бизнис воден од знаење и професионален однос кон сите елементи на еден бизнис.
Грешам? Јас не сум убеден.
Ајде со ред.
СЛАБ АМБИЕНТ
Точно! Нема слаб и силен, постои или не постои амбиент. Но јас велам слаб. До пред извесно време, додека банките не се разбудија и не се опуштија со кредити, беше вистинска уметност да правиш бизнис. Да, сега е полесно. Ако ти требаат пари, лесно ги наоѓаш. Позајмиците од блиските се потрошија, па сега блиски ни се банките и лизинг фирмите. Тук таму и по некоја фондација и невладина институција што вака или така ќе ти помогне.
Зошто не е силен? Пари ќе најдеш, и ќе почнеш. И убаво ќе ти тргне. Се до моментот кога треба да наплатиш. Особено, ако продаваш услуга, а не „физички“-материјален производ. Тогаш почнува циркусот. Седнуваш на онаа пелерина (така се викаше таа девојката што се врти нели?) и едноставно уживаш во „Funky Business“-от. Милион најави дека ќе се обезбеделе некакви си инструменти за регулирање на овој неверојатен македонски феномен. Дури се испушти и некоја информација во јавноста дека ако се воведат инструменти за наплата од типот „наплата од институција како на пример банка, според валута на фактура“, тогаш ќе настане блокада во „нормалниот и секојдневен“ бизнис амбиент. Слушнав и дека најголем проблем биле државните (многу го мразам овој збор!) фирми, јавни претпријатија итн.
Ги ставам на страна сите анализи за квалитет на производ или услуга, брендирање, продажен настап на пазар од сите аспекти, однос со клиенти, однос со вработени итн. Тоа може да биде најсилната страна на фирмите. НО…!?
СИЛЕН: Најубаво нешто е да си наплатиш штом си продадеш. Имаш трафика, ти доаѓа муштерија, ти купува весник, му земаш пари… Мераци! Ем тој што ќе ти дава роба или услуга ќе си наплати на време, ем ти ќе си планираш колку ќе си заработиш и чиста сметка. Само така ќе можеш да се впуштиш во планирање, доекипирање со работници, настап на други пазари, „коалицирање со сродни бизниси“ (намерно не велам вмрежување!)… Политиката…(не не, нема веќе политика во бизнис, тоа го имаше изминативе 17 години, денеса политика во бизнис нема; поточно одамна има бизнис во политиката!)
Сите цени на твојата работа ќе бидат оптимизирани на начин да секое покачување на основните трошоци на производството биде нормално пречекано, без можност истото да го затвори бизнисот. Кога ќе дојдат избори, ќе спонзорираш, не за да добиеш нешто потоа, туку за да намалиш данок, де!
ШТО Е ТОА НОРМАЛЕН БИЗНИС?
Терминов го употребувам бидејќи се повеќе го слушам од луѓето околу мене. И јас не го знам одговорот. Демек, нормален бил бизнисот кој сам се издржувал, и ти давал плата, а ти правел и профит.
Денеска слушнав информација на ТВ-ата во Скопјево дека во земјава ни сиромашна и напатена, имало петмина милионери, двајца во Скопје и тројца во Битола. Едниот ми ти пријавил 5.000.000 € приход. Пардон, не биле милионери, туку луѓе со највисоки приходи. Овој господин, кој особено го почитувам заради резултатот, работел во областа на осигурувањето. Спомнаа кои биле топ индустрии, што многу не го запомнив.
Што е тоа што го мачи македонскиот бизнис?
Хм, луѓето што го започнуваат и работат. Се е до нив! Систем без луѓе не бива. А луѓе без систем не прават систем. А без систем, бизнис не бива. Бизнис кој е успешен во хаос, а не во систем, не го нарекувам бизнис. Тоа е снаодливост, рушвет, па дури и криминал.
Го мачеше и бирократијата, спората администрација. Тоа беше најголемиот проблем. Да, не е повеќе! Немаме аргументи да речеме дека сега заради таа причина немаме бизнис.
Го мачеше и политиката. Тоа беше најголемиот проблем. Сеуште е? Хм, можеби. Сигурно е. Или не е? До пред извесно време бев убеден во оваа теза, но полека се разубедувам. Се повеќе ги барам причините во луѓето односно во системот! Не политичкиот систем и алатките како политичарите т.е. политичките партии вртат пари. Систем на размислување, делување, однесување… Одговорност!
Го мачеа и општите регионални амбиенти, на конфликти, турбуленции… Полека ги снемува. Уште името да ни го решат, пардон да си го решиме, па и ова оправдување ќе го снема.
И што ќе ни остане? Да се смениме ние! Доста се воодушевуваме на други, оговараме други, параме причина за сопствениот (не)успех во други. Ние сме тие! До нас е. НИЕ го мачиме македонскиот бизнис. Имаме милиони прашања зошто нешто не може, а ниеден одговор како нешто може.
Џабе не седи, џабе не работи. Убава порака, која јас си ја сменив и си ја кажувам вака: Џабе работи, плати за да седиш. Така повеќе ќе те сакаат. Ако седиш, нема да пречиш, ќе си се задоволиш со тоа малку што го добиваш колку да не биде дека немаш. Седи и уживај. Не дека е тешко да не седиш, ама најлесно е да седиш. А бизнисот? Ти само седи, а него ќе го биде. Без тебе или со тебе, сеедно. Небаре ќе си речеме дека немаме бизнис? И тоа македонски! Ехее, и тоа каков! Светски!


Leave a Reply