Објавено од Димитровски Горан на 28 авг 2008 at 05:34 pm
Продажба. Дали е тоа се што му треба на еден бизнис?
ДА ! Зошто? Одговорот е едноставен: без продажба нема пари. Без пари нема бизнис. Ако нема бизнис, чуму фирма и остали зезалици? Многу повеќе важни се повратните показатели од продажбата:
- цена, услуга, квалитет
- имиџ, бренд, вредност
- грижа за корисници
- профит
Колку од македонските фирми се водат од целосна поставеност на процесот продажба во нивните компании? Ќе речеме голем? Не сум баш сигурен. Продажба има, да. Ако ја нема, бизнисот нема да постои. Купувачи има, да. Ако ги нема, бизнисот нема да постои. Но малку од бизнисите имаат точно дефиниран процес на продажба, кој е клучот на успехот. Што значи дефиниран процес на продажба? Одговорот може да биде долгометражна дискусија, но и краткометражен филм - зависи од соговорникот. Некои си велат, земам од ваму, дигам цена за 30%, и продавам таму. А има и такви што ќе ви разврзат цел филм како прават калкулација на цена, мислејќи дека тоа е суштината на процесот продажба. Малкумина тргнуваат од суштествената поента на оваа убавина во бизнисот: купувачот / клиентот.
Нема да влегувам во некаква елаборација на просторов што е тоа процесот продажба. Поентата ми е чисто да дадам свое видување дали нашите фирми имаат процес продажба според сите денешни современи норми на работење или не. Дали имаат процес продажба? Немаат. Колку имаат? Точен број не знам, бидејќи такви податоци, како официјални показатели во нашава земја нема. Ако тргнеме од тоа дека над 200 фирми имаат сертификати за поседување на ISO 9001:2000 системи за менаџмент со квалитетот, што е демек потврда за поседување на систем на работа според основните елементи на менаџирање со една компанија, воспоставени во целиот свет (не во Америка, Германија, Норвешка, Швајцарија, Албанија или Македонија), … ајде ќе речеме демек 200 имаат дефиниран процес продажба.
Но јас тргнувам од друга страна. Велам дека нашиве фирми немаат, гледано од моето искуство. Во изминативе 10 години, сум бил во позиција на краен потрошувач (не дел од фирма-вработен и сл.) за преку 110 фирми. Во бројкава се влезени различни категории - продавници за храна, енергија, интернет, транспорт, банки и слично. Со ниту една од нив не сум почуствувал дека им е чест што сум нивни клиент. Читај поинаку: ме гледаат како предмет од кој треба да извадат пари за нешто што ќе ми го дадат. Уште поинаку, нивниот третман е дефиниран како страна од втора класа. Што подразбирам под тоа: во нашиот купопродажвен однос јас сум само банката која дава пари, без притоа да знае, дознае, препознае, вредност во производот / услугата која ја користам. Ќе речете: имаш право на избор, ти знаеш што купуваш и што ќе добиеш, глобална економија имаме па бирај што ти душа сака, итн. Па да, така е. Но, дали знам? Дали имам можност да дознаам што ме чека откако ќе бидам нивниот клиент. Уште повеќе, кој е тој сервис, или комплет услуги, поддршка или слично што ќе ја добијам додека сум нивниот клиент. Малку подалеку, дали имам можност доколку не сум задоволен, да се изборам за моите права на потрошувач, загарантирани со Законот за заштита на правата на потрошувачите.
Она што го имам од мое искуство:
- ако купиш нешто, и нешто не е во ред со купеното, имаш две опции: или да ги прежалиш парите, или да влезеш во една неверојатна циркузијада дали е и како е и колку е и од кого е…, се до моментот на збеснување и откажување од дриблингот на фирмата од каде си купил
- ако се интересираш за нешто од некоја фирма, ондак најчесто не добиваш комплетни информации (дозирани за да фрлиш пари а потоа гледаш колку ќе те кошта се на се)
- ако не дај боже дадеш примедба на услуга, тоа е процес без крај: испрати допис, ќе те известиме на писмено, неосновано барање…
- гледаш една цена во продавница или флаер или каталог, на крајна сметка плаќаш друга
- гаранција за производ важи за безвезе дефект, кој по вредност на трошок за поправка е толку мал што не ти се исплати да се заглавуваш пред се во администрација со папири, рок на поправка и слично
- потпишуваш договор, добиваш рок 30 работни дена, не ја добиваш услугата за 50 работни дена, па пукаш од нервоза и копаш секојдневно по купишта телефони од фирмата кај си купил за да дојдеш до разврска - не дека немаш избор да одиш кај друг, туку заради твојата определба а уште повеќе потреба да го земеш токму нивното
- морално плаќаш за греење бидејќи некој батка во градско собрание пред 10-20-30 години проценил дека греењето требало да биде од 6 до 21, а ако е надвор над 15 степени ондак нема греење; уште повеќе не можеш да го откажеш бидејќи си бил дел од вертикала!
- плаќаш за услуга 3-4 месеци по ред, а за тоа време не можеш да ја користиш заради проблем на фирмата; па упорно бараш да го решат со јавувања 3-4 пати неделно; резултат = те исклучуваат од мрежата бидејќи не си платил за 2 месеци…
- и така натаму - ако се навраќам на разно разни случки, ондак нема да биде интересен написов.
Каде е тука продажбата? Дали таа завршува со мојот кеш од џебот изваден за фактурата или фискалната сметка на каса? Не. Не смее! Не дека јас така сакам. Бидејќи така мора, ако фирмата сака да ме задржи како клиент, а уште повеќе јас да станам нејзиниот продавач преку препораки. Во спротивно, ќе се активира непишаното правило:
- 1 незадоволен = 10 со лошо мислење и изгубени клиенти
- 1 задоволен = 3 со добро мислење и добиени клиенти
Исто така важна е и постпродажната услуга. За тоа можеби во друга прилика.
Но што недостасува за да биде поразлично од што е, слично на оние поразвиените далеку или блиску од нас / до нас, каде демек се е подобро отколку тука. Менување на свеста. И на потрошувачите (купувачите / клиентите) и на фирмите. Многу повеќе на потрошувачите. Сум на мислење, дека ние не си ги знаеме нашите права загарантирани со Законот за заштита на потрошувачите. Уште повеќе, не сум убеден дека има доволно инструменти во државава кои се грижат за неговото спроведување. Да, постои здружение каде можете да се јавите за совет итн., се правеше некоја едукација преку медиумите извесно време. Но веројатно, сето тоа како резултат на некојси проект финансиран од некоја си странска институција која во тој даден момент имала отворена линија за таков вид на проекти.
Ако се промени свеста на купувачот, многу брзо ќе се менува и свеста на фирмите. Во спротивно, се ќе тече како што си тече. Без малку шанса купувачите да влијаат на конкуретноста на фирмите, нивните перформанси, па дури и цените. Негативноста на ваквата ситуација е и во нешто друго. Во неможноста фирмите да се истренираат на домашен терен како со купувачи, пред да излезат надвор. Излезат ли надвор, тогаш почнуваат сите основни процеси на менување на свеста, поточно на креирање на процесот на продажба во фирмата. И оттука, се се менува. Ако тој процес е проектиран како треба, тогаш и сите останати без исклучок ќе бидат поинакви. Ете ја промената. Но на подобро.
Продажба = пари. Да! Секогаш!
Производот/услугата го/ја прави фирмата, а купувачот е тој што ги брои парите.
Незадоволни купувачи = помалку пари.
Помалку пари = помалку производи / услуги.
Помалку производи / услуги = стоп на развојот на фирмата, уназадување, отпуштање на работници, намален профит.
Повторувањето на ова последново води кон банкрот и крај на приказната на фирмата. Каде е клучот? Во продажбата или во купувачот? Според моево последно, каде тргна надолно? Кај продажбата или кај купувачот?
Огромен број на консултанти и автори на научни дела го обработуваат процесот на продажба. Ако немате средства да слушате и користите консултант, барем прочитајте нешто. И вие потрошувачи, и вие фирми. За доброто на сите! Ем за задоволните потрошувачи, ем за прфитабилните фирми.
Еден одговор to “Продажба. Дали е тоа се што му треба на еден бизнис?”
Повратен URI | RSS на коментари
Moloret on 20 ное 2008 at 10:41 pm #
Зер гуд ставлю 5 балов.