Одговорност. Дали го почитуваш моето и твоето време?

Posted on мај 23, 2009
Filed Under Општо | Leave a Comment

Секојдневно секој некаде брза. И нам како на америте ни стана времето прекратко. Се ни недостасува, се ни бега, … Да, ги има и таквите кои го имаат на претек, не знаат што со себе си…, па во монотонијата губат воља и да се пронајдат себеси во своето… време.

Малкумина размислуваат што прават во своето време, дење, ноќе, во друштво со свои или непознати, или во самотија. Што прават за себе си, за своите околу себе, за поколенијата, … за фамилијата. Многу често се препуштаме на водата која го знае својот почеток, но не и крај, оставаме да не носи времето онаму каде што не сакаме или пак потајно не сакаме да признаеме дека не би биле. Знаеме ли кое е нашето време?

Одговорноста кон себе си е најголемата задача. Не секој знае постојано да ја решава правилно. Пред се одговорноста кон своето и туѓото време. Непочитувањето на времето е непочитување кон човекот, кон личноста, кон зборот. Но највеќе, непочитување на себеси.

Многупати слушам изјави од многу пријатели: се дооговоривме да се видиме, се договаравме едно чудо време, го / ја нема, а јас го / ја чекам. Па ни да се јави, ни да пушти абер ќе си размениме збор или не. Или пак, како не му е срам, јас го чекам а тој / таа…

Од друга страна, има многумина меѓу нас кои кога ќе почнат да тагуваат по минатото време, се забораваат и не знаат во кое време живеат, кое е нивното следно време. Притоа плукаат по сите кои им се криви, малкумина им се прави, бараат вина во другите, а забораваат на сопствената одговорност и својот пат, својот план за себе си и своето време.

Договор си е договор и треба да се испочитува. Не губиш ти кој го почитуваш време. Ти си победник. Губи оној кој не го искористил твоето време. Бидејќи си му дал вредност која некогаш и некаде во вашиот заеднички живот ќе ја препознае. Можеби навреме, но можеби и предоцна. Ако не даваш, нема да добиеш.

Едно чудо мислители, советници, филозофи, обични луѓе ќе речат: имаш ли идеја? имаш ли стратегија? имаш ли план? имаш ли мисија? која е твојата визија? Да, сите овие фази низ кои треба да помине секој за најголем дел од своите животни одлуки и активности, важат, потребни се, некогаш и неизбежни. Во сите нив, најголемата вредност и суштинска потреба е времето – и своето и туѓото. Сам човек планина не руши. Заедничката одговорност е онаа која ги прави вистинските лични вредности.

Запрашај го најстариот човек што го познаваш, и слушни што ќе ти раскаже за неговото време. Пронајди се и почуствувај лична одговорност кон времето што ќе го дочекаш. Минатото е историја, не го заборавај, но не дозволувај тоа време да ти отежни толку многу за да не го цениш моментот во кој постоиш.

Што сакав да кажам? Ако ме почитуваш, почитувај го моето време. Не сум најпаметниот, најучениот, егоистичниот, себичниот… Но разубедувај ме секогаш кога грешам со она што го правам во заедничкото време. Пред фактите замолчувам, но паушални дрдорења не слушам – враќам со експлозија без преседан. Да, мојата толерантност не значи дека преѓутувам, не забележувам, голтам, трпам… Напротив, го ценам твоето време, до граница која сметам дека јас можам да си ја дозволам. Забегуваш и не го цениш моето време – тогаш почнуваме војна во која одговорниот ќе искочи на виделина.

Comments

Leave a Reply